Тен Хаг: Бевме толку блиску до финале, таа последна секунда цел живот ќе ја паметам! 

Младите момци на Ајакс со фантастичните игри во Лигата на шампионите ги освоија срцата на неутралните фудбалски фанови оваа сезона, но синоќа не успеаја да испишат историја откако беа елиминирани во полуфиналето. 

Лондонски Тотенхем го направи еден од најголемите пресврти во ова натпреварување и со гол во 96. минута стигна до 2-3 и пласман во големото финале. Разочараноста во таборот на амстердамскиот гигант беше огромна, а тренерот Ерик Тен Хаг вели дека вечно ќе ја памети таа последна секунда, кога Лукас Моура донесе молк на „Јохан Кројф Арена“. 

„Бевме толку блиску, заслуживме финале, но таа последна секунда... На полувреме на моите фудбалери им реков дека сè уште не сме во финале. Тоа се виде по играта на противникот, кој и до последна минута веруваше во пресврт. Да погодеше Зијах тоа ќе беше крај за Тотенхем, но ја затресе само стативата и му даде крилја на противникот. Одигравме одлични натпревари во Лигата на шампионите, елиминиравме големи екипи, но тоа е фудбалот“, рече стратегот на Ајакс. 

Херој на Тотенхем беше бразилскиот ас Лукас Моура, кој со три гола во второто полувреме го потопи Ајакс и го одведе својот тим до свое прво финале во Лигата на шампионите.