Демири: За ваков старт можев само да сонувам

Македонскиот репрезентативец Бесир Демири го имаше својот прв официјален натпревар за украински Мариупол. И тоа на фантастичен начин, затоа што беше еден од најдобрите фудбалери во својот тим, што му донесе и место во тимот на колото.

Мариупол како гостин со 0-3 славеше кај Зирка, а Демири одигра вкупно 90 минути. Во изјава за клупскиот сајт, потенцира дека е задоволен и дека ваков старт можел само да сонува.

„За ваков старт можев само да сонувам. Навистина играв многу добро, среќен сум што се покажав во вакво издание на првиот меч за Мариупол. Искрено, не очекував да биде толку добро уште на почетокот. Имаме одличен тим, одлични играчи, многу добро сум пречекан тука. Немам зборови за да го опишам мојот старт во овој тим“, вели Демири.

Демири си замина од Вардар како слободен фудбалер откако доби раскин на договорот, па веднаш најде нов тим. во Мариупол, кој се наоѓа на шестата позиција во украинскиот шампионат.