• Зоран Мишевски
Фудбалерите на Пари Сен Жермен го совладаа Олимпик Марсеј со 3-1 во дербито од 26. коло на Лига 1. Со очекуван исход заврши најголемото дерби во францускиот фудбал. Пари Сен Жермен изгледа како најдобриот европски тим во моментов и не дозволи изненадување на „Паркот на принцовите“.
Луис Енрике не остави ништо на случајноста, па го извади најсилниот тим, додека Роберто де Зерби во стартните единаесет не го вклучи Мејсон Гринвуд. Парижаните поведоа во 17. минута, откако Осман Дембеле го совлада Џеронимо Рули и го отвори резултатот. Кон крајот на првото полувреме, Нуно Мендеш погоди за 2-0 и тогаш беше јасно дека парижаните ќе го забележат деветтиот триумф во последните единаесет натпревари против својот најголем ривал. Олимпик Марсеј успеа да ја намали негативата преку одличниот Амин Гури, по грешката на Нуно Мендеш и асистенцијата на Адриен Рабио во 51. минута.
Сепак, тимот од Азурниот брег објективно немаше сили сериозно да го притисне лидерот, па се случи очекуваниот исход - трет гол за домаќинот. Пол Лирола си постигна автогол во 76. минута, со што стави точка на овој дуел.
Оваа победа практично значи крунисување на ново-стариот шампион на Франција. Пари Сен Жермен сега има 19 бодови пред второпласираниот Олимпик Марсеј и наскоро и официјално ќе ја освои тринаесеттата шампионска титула.