• Саше Љолес

Осман Дембеле е исклучително талентиран фудбалер кој за жал се мачеше долго со повредите, но неспорно е дека се работи за еден од најдобрите играчи во својата генерација.
Францускиот репрезентативец веќе пет сезони е во Барселона, а се чини дека тој ќе го продолжи својот престој во Каталонија, без оглед на богатите понуди што стигнале на неговата адреса. Дембеле нема намера да ја напушти Барса, иако добил понуда од Пари Сен Жермен која му гарантирала плата од 18 милиони евра годишно, плус дополнителни 25 милиони за потписот со „светците“. Доколку ја прифатеше понудата од парижаните, тој за четири сезони ќе заработеше нешто над сто милиони евра, заедно со сите дополнителни клаузули и бонуси.
Оваа информација со одушевување ја прифатија навивачите на Барселона, а дел од нив се среќни што талентираниот Французин ќе го продолжи престојот во нивниот клуб. 26-годишникот досега настапи на 125 натпревари за Барса, а таа бројка ќе беше многу поголема ако не беа честите повреди кои го оддалечуваа од терените. Дембеле постигна 24 голови во дресот на каталонскиот гигант, а навивачите знаат дека овие цифри можат да пораснат многукратно во следните сезони.
Дембеле е уште многу млад и допрва може да „експлодира“ во европскиот фудбал, а голем дел од шпанските медиуми коментираат и пишуваат дека „не е сè во парите“ и дека Французинот го докажал тоа со одбивањето на понудата од ПСЖ.
Се претпоставува дека тој ќе остане во Барселона и по истекнувањето на актуелниот договор кој е со важност до крајот на следната сезона, а наскоро се очекува и управата на Каталонците да му понуди продолжување на соработката. Сезонава Дембеле во дресот на Барса запиша 23 настапи во Примера и забележа пет голови и пет асистенции.