ВИДЕО: Делиќ ја препороди Хрватска, „коцкестите“ ќе играат на СП во Русија

Ретко кој фан на Хрватска очекуваше дека Златко Делиќ е вистинскиот избор за нов селектор на „коцкестите“ и тоа во моментите кога Анте Чачиќ селекцијата ја остави во тешка резултатска криза и во моменти кога требаше да се бори за бараж за Светското првенство во Русија. 

Сепак, поранешниот селектор на Обединетите Арапски Емирати, од далечната земја како да пристигна со магично стапче и едноставно ги препороди големите ѕвезди на хрватскиот фудбал и на нацијата ѝ донесе ново учество на еден Мундијал. 

Вечерва Хрватска во Атина одигра уште еден солиден меч, а тактиката на Делиќ беше фантастична и не им дозволи на Грците ни на кратко да се доближат до противничкиот гол. На „Јоргос Караискакис“ мечот заврши со непопуларно реми од 0-0 и благодарение на високата победа во Загреб од 4-1, селекцијата на Хрватска е втората европска репрезентација која денес преку баражот обезбеди виза за Русија. 

Имено, покрај Хрватска учество на Светското првенство се слави и во Швајцарија, откако во Базел селекцијата на Северна Ирска не успеа да ја анулира негативата од Белфаст, играјќи само 0-0 (вкупен резултат 1-0 за Швајцарија).