• Саше Љолес
Во Белград се игра најголемото српско дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан, а победа на „црвено-белите“ ќе значи и математичка потврда на титулата. Викендов во Белград на турнир на ветерани настапуваат и ветераните на Пелистер, а тоа беше идеална можност да бидат гости на Црвена Звезда.
Поранешниот македонски репрезентативец, Митко Стојковски, ја предводеше битолската делегација, а пред почетокот на дуелот со овации беше поздравен од присутните навивачи на Црвена Звезда. Тој отпоздрави на северната трибина пред „Делиите“, а во тој момент се славеше неговото присуство со песната „Ѓурѓевдан“, која е симбол на стотото дерби, кое Стојковски го реши со еден постигнат погодок и изнуден пенал.
Стојковски ја искажа големата љубов за клубот во кој одигра 127 натпревари.
Македонскиот фудбалер играше за белградскиот гигант во периодот од 1991 до 1995 година, а во еден дел од кариерата беше и капитен на „црвено-белите“. Во првиот период ја делеше соблекувалната со Панчев, Најдовски, Михајловиќ, Југовиќ, а потоа им беше капитен на Станковиќ, Огњеновиќ, Ковачевиќ, Сакиќ, Крупниковиќ...
Ветераните на Пелистер, со Митко Стојковски во тимот, но и со Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, Кире Грозданов, Бруно Пресилски, Миле Димов, Златко Деловски... настапија на турнир на ветерани во Белград.



