ВИДЕО: „Делии“ Тетово славеа титули и до солзи го доведоа легендарниот Кирил Дојчиновски!

Црвена Звезда ги освои јубилејните фудбалски и кошаркарски титули, а „Делиите“ од Тетово со скромна прослава го одбележаа настанот и воедно беа во друштво на неколку фудбалски легенди.

Гости на прославата беа звездините легенди Митко Стојковски и големиот Кирил Дојчиновски. Меѓу нив беше и Тони Мицевски, уште една македонска фудбалска легенда, како и Стојмир Урошевиќ.

На прославата по повод 20-тата кошаркарска и 30-тата фудбалска титула поканети беа Канатлароски, Панчев и Најдоски, но тие не пристигнаа поради приватни обврски.

Најголемото внимание го доби Кирил Дојчиновски, легенда на Вардар и Црвена Звезда и член на генерацијата која во 1973 година извојува две победи над Ливерпул во тогашниот Куп на Шампионите. И двата триумфа беа со по 2-1, и на „Маракана“ и на „Енфилд“. Навивачите го дочекаа со „шпалир“, а тој пушти солзи радосници.