Деле Али понижен како никогаш порано, избркан од тимот на Бешикташ!

Веројатно никој во 2018 година не можеше да претпостави дека само пет сезони подоцна, англискиот репрезентативец, Деле Али, ќе доживее таков „крах“ во кариерата. 26-годишниот фудбалер одигра три фантастични сезони во Тотенхем, особено во онаа пред Светското првенство во Русија

Офанзивецот беше неприкосновен во тимот на Маурисио Почетино, иако на Мундијалот прикажа малку бледо издание. Тогаш веројатно и заморот си го направи своето, но никој не очекуваше дека од тој момент наваму, неговата кариера ќе доживее вртоглав пад. Играчот за кој Тотенхем во 2019 година бараше минимум сто милиони евра, денес на пазарот вреди нешто помалку од дваесет милиони, а вчера Деле Али го доживеа веројатно најголемото понижување во својата кариера. Тој летово пристигна на позајмица во Бешикташ и беше претставен како огромно засилување, но денес од Истанбул доаѓа информација дека играчот е суспендиран од тимот и остатокот од сезоната ќе го проследи од трибините!

Ова сигурно е уште еден голем шок за Англичанецот кој своевремено важеше за еден од најдобрите фудбалери на Островот. Турските медиуми велат дека тој сега не вреди ниту дваесет милиони евра и се прашуваат дали тој воопшто има квалитет да настапува во турската лига, каде конкуренцијата е значително послаба во споредба со англиската Премиер лига. 

Судбината на Деле Али останува неизвесна, непознато е каков чекор ќе направи по завршувањето на оваа сезона, но едно е повеќе од сигурно, тој е веќе непожелен во Бешикташ. Сезонава тој одигра само тринаесет натпревари во турската Суперлига и постигна три гола, два во првенството и еден во Купот. Бешикташ е во моментов на третото место на табелата, а придонесот на Деле Али е мал, па скоро и незначителен.