Дејан Станковиќ има нов ангажман, седнува на клупата на унгарски гигант

Српскиот фудбалски стратег, Дејан Станковиќ, официјално е претставен како нов тренер на Ференцварош. Поранешниот тренер на Црвена Звезда и Сампдорија бргу најде ангажман и ќе седне на клупата на унгарскиот гигант.

Актуелниот шампион на Унгарија го најави новиот тренер и изрази задоволство од соработката, а од Станковиќ ќе се очекува одбрана на титулата во домашното првенство, како и солидно претставување на тимот во Конференциската лига на УЕФА. Навивачите се надеваат дека Станковиќ ќе успее да го издигне тимот од лошиот старт на сезоната, во кој Ференцварош испадна од квалификациите за Лигата на шампионите, а потоа едвај стаса и до групната фаза од најновото клупско натпреварување. 

Србинот ја презема тренерската позиција од Русинот Станислав Черчесов, со кој тимот го доживеа „бродоломот“ во евро-квалификациите. Апетитите на управата беа значително поголеми и тренерската смена беше сосема логична и очекувана. 

Дејан Станковиќ е легенда на српскиот и италијанскиот фудбал, Како активен играч, со огромен успех настапуваше за Црвена Звезда, Лацио и Интер. Во дресот на „нероаѕурите“ ја освои титулата во Лигата на шампионите, а својата тренерска кариера ја започна во 2014 година. Досега работеше како асистент во Удинезе, а потоа беше главен тренер на Црвена Звезда и Сампдорија.