ВИДЕО: Дејан Јакимовски им донесе среќа на Белорусите во Ирска

Во пријателски натпревар, кој се одигра во Корк, репрезентацијата на Република Ирска на домашен терен е поразена од Белорусија со 1-2 (0-1). Интересен е податокот дека денешниот натпревар го судеше нашиот интернационален судија Дејан Јакимовски.

Во првиот дел и двете репрезентации играа изедначен фудбал, со тоа што поседот беше во нозете на фудбалерите на Ирска, но повеќе шанси направија фудбалерите на Белорусија. Една од нив ја искористи Гордејчук во 20. минута за водство од 0-1, резултат со кој се замина на одмор.

Во вториот дел домашните фудбалери имаа целосна иницијатива, но во 60. минута уште еден „ладен туш“ за домашните фанови по голот на Володко во 60. минута. Иницијативата на Република Ирска вроди со плод во 72. минута, откако гол постигна Вард и намали на 1-2.

За репрезентацијата на Република Ирска денешниот натпревар беше нивни последен пред настапот на ЕП во Франција, на кое се во група со Белгија, Италија и Шведска. Првиот натпревар го играат против Шведска на 13 јуни.