Дејан Илиев ќе добие нова конкуренција, Арсенал пикира голман на Дижон

Екипата на Арсенал најверојатно ќе ја прифати последната понуда на Астон Вила за својот резервен голман Емилијанo Мартинез. Аргентинскиот чувар на мрежата имаше одлични настапи во финишот од ланската сезона, по повредата на Лено, но откако Германецот се врати меѓу стативите, јасно беше дека за Мартинез нема да има место во стартниот состав.

Поради тоа Аргентинецот побара трансфер, а засега најсериозен кандидат за неговиот потпис е Астон Вила. Наводно, Арсенал е подготвен да го продаде својот втор голман, но нема да седи со скрстени раце и веднаш ќе ангажира негова замена. 

Во игра се неколку голмани, а како прв пик се споменува 25-годишниот Исланѓанец Алекс Рунарсон од Дижон. „Топџиите“ во текот на оваа седмица ќе испратат понуда од 1,5 милиони фунти, сума која најверојатно ќе биде прифатена од францускиот тим. 

Доколку трансферот на Рунарсон се реализира, тогаш шансите на нашиот Дејан Илиев конечно да добие шанса во редовите на Арсенал повторно ќе бидат сведени на минимум. 

Поедини британски медиуми во петокот шпекулираа дека Македонецот ќе се најде на клупата на Арсенал на отворањето на сезоната во Премиер лигата, но Артета се реши таа улога да му ја додели на 25-годишниот Англичанец, Мет Мејси.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.