ВИДЕО: Деби за Азар, Реал Мадрид се намачи против Леванте и Барди!

По двата киксна во низа, екипата на Реал Мадрид им се врати на победничките патеки во шпанскиот шампионат, откако на денешното отворање на петтото коло со тесни 3-2 (3-0) славеше над тимот на Леванте. 

Уште на самиот старт на мечот можеше да се види дека гостинот од Валенсија нема што да бара на овој дуел. Зинедин Зидан за првпат оваа сезона можеше да смета на Еден Азар и го остави на клупата, но во својот прв состав го имаше супер-расположениот Карим Бензема. 

  • Извештај од натпреварот: 

Францускиот ас за само шест минути игра го отпиша Леванте, откако во 25. минута по асистенција на Карвахал погоди со глава, а потоа рутински реализираше со нога по двојната комбинација со Родригез за комотни 2-0 за „кралевите“. 

Но, тоа не беше се од домаќините на влажниот „Сантијаго Бернабеу“ во првото полувреме. По една школска акција, Винициус прецизно го проигра Касемиро, а овој без многу проблеми зголеми на 3-0.

Вториот дел започна со проблеми за Реал, откако Борха Мајорал уште во 49. минута погоди за намалување на 3-1. Само неколку минути подоцна шанса за докажување доби нашиот репрезентативец Енис Барди, а Зидан веднаш возврати и офанзивата ја освежи со Азар, на 30 минути до крајот на мечот. 

Со влегувањето на белгискиот ас, Реал Мадрид доби дополнително на брзина и креација, а токму Азар имаше фантастична можност за повисока позитива, откако мина двајца противнички играчи, но не успеа да го надмудри и голманот Абариз. 

Веќе во следниот напад, ВАР поништи погодок за „кралевите“, а нововлезениот Малеро во 75. минута ги казни промашувањата на домаќините и ја искористи прецизната асистенција на Кампања за намалување на 3-2, резултат со кој и заврши денешниот меч.