ВИДЕО: Деби победа за Христов, Работнички со одличен втор дел го освои Штип

Работнички ја надигра Брегалница Штип и запиша победа од 1-2, во рамките од 17. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Ова е деби победа за Борче Христов како предводник на дебармаалци. 

Натпреварот започна со отворена игра на двете страни. Првата закана кон домашнот голман ја испрати Марјан Ристовски, кој се ослободи на десната страна, но биеше само по средината од голот. Веднаш потоа следуваше обид на штипјани, во режија на Никола Ескиќ. Тој доби добра топка во казнениот простор и со лизгачки старт шутираше, но навремено реагираше Рафаел Гоес Да Силва и исфрли во корнер.

Гостите беа поконкретни во првиот половина час. Втората голема шанса за „романтичарите“ не ја искористи Кристијан Стојкоски, по одличното додавање на Лука Станковски. Тој биеше млако и не му направи големи проблеми на младиот Давид Денковски. Следуваше мирен период во кој се играше без возбудувања на двете страни. Монотонијата ја прекина Никола Ескиќ со непрецизниот удар со глава. Пред паузата имаше и силен удар на Бобан Георгиев, но и тој не ја пронајде целта, па почетниот резултат остана по воведните 45 минути во Штип.

По само десет минути во второто полувреме беше откриен резултатот. Лошата реакција на Михаил Маневски донесе шанса за гостинскиот тим. Неуспешниот обид на Станковски го искористи Ристовски, кој од подалечната статива немаше проблеми да ја смести топката во мрежата на противникот.

Овој момент предизвика реакција од Брегалница, која веднаш започна да прави притисок и да бара израмнување. Наместо тоа, тимот на Борче Христов постигна уште еден погодок. По два корнери во низа и една мешаница пред домашниот гол, одбиената топка од прва ја зафати Димитар Тодоровски и вторпат ја казни „заспаната“ одбрана на штипјани. Серијата голови продолжи, овојпат се тресеше мрежата на Ристо Јанков

Работнички одлучи да ја брани минималната позитива до крајот на мечот. Одбраната на гостите одигра на посакуваното ниво и ги одби нападите на ривалот, кој јалово напаѓаше, но остана без бодови на домашен терен. Во следното коло Работнички ја пречекува Македонија Ѓорче Петров, а Брегалница ќе гостува кај Тиквеш.