• Горан Упале

Екипата на Монако не искористи голема шанса да забележи уште една значајна победа во Лига 1. Тимот од кнежевството на гостувањето кај Лориент имаше водство до судиското надополнување, но домашниот тим во 97. минута постигна гол за поделба на бодовите (2-2) во воведниот натпревар од денешената програма во Франција.
Резултатот го отвори домашниот фудбалер Ајегун по само две минути игра, но гостите експресно возвратија и со погодокот на Головин, кој и оваа сезоната игра во одлична форма, израмнија на 1-1, резултат со кој се замина на одмор.
Вториот дел започна со нешто подобра игра на Лориент, па Хутер мораше да менува и во 66. минута направи тројна замена, која што веднаш даде резултат. Три минути подоцна Балогун ја стресе домашната мрежа за 1-2 и Монако беше пред нова победа. Но, длабоко во судиското надополнување, Фавре ги шокираше гостите и ги постави конечните 2-2.
На денешниот натпревар свое деби во дресот на Лориент имаше поранешниот ас на Манчестер Сити, Бенџамин Менди, кој по долгата пауза поради судски процес беше надвор од терените.