• Иван Димовски
Фудбалерите на Атлетико Мадрид се радуваа на победа над Валенсија со 3-0 (1-0), во пресметката од петтото коло на шпанската Примера. Натпреварот на „Ванда Метрополитано“ понуди голови во двете полувремиња, а ова беше ден за деби погодоци.
- Извештај од натпреварот:
На првиот погодок се чекаше до пред полувремето, иако добри можности имаа Александер Сорлот и Самуел Лино. Резултатот беше отворен со деби-погодокот на Конор Галагер. Англискиот репрезентативец доби топка од Родриго де Пол и во 39. минута го запиша своето име меѓу стрелците во Шпанија (1-0).
На стартот на продолжението „лилјаците“ имаа неуспешен обид за израмнување, па стигна казната во видот на гол за 2-0. Антоан Гризман по додавање со глава од Лино го матира Мамардашвили и ја удвои предноста во 54. минуа од мечот.
Немаше Валенсија сили да го изненади фаворитот и до крајот мораше да се помири со поразот. Поблизу до гол беше Атлетико, бидејќи се тресеше рамката од голот по удар на Љоренте. Во четвртата дополнителна минута својот премиерен гол за Атлетико го постигна и аргентинскиот напаѓач Хулиан Алварез, поставувајќи ги конечните 3-0.
Со три победи и два порази Атлетико е израмнет со Реал Мадрид и Виљареал по пет кола, зад водечката Барселона која има „пет од пет“. Валенсија, пак, со четвртиот сезонски пораз е на дното.