• Горан Упале

Фудбалерите на Барселона и по репрезентативната пауза продолжуваат со одличните игри и резултати во домашниот шампионат. Во последниот натпревар од денешната програма oд петтото коло во Примера, каталонскиот гигант ја „наполни“ мрежата на Бетис (5-0), а во главната улога беа летните засилувања Жоао Феликс и Жоао Кансело.
- Извештај од натпреварот:
Португалските репрезентативци ги постигнаа првите голови во дресот на Барселона. Членот на Атлетико Мадрид, кој во Барса игра на позајмица, го отвори резултатот, додека дефанзивецот на Манчестер Сити стави точка на натпреварот.
Покрај Жоао Феликс и Кансело, мрежата на Бетис ја погодија уште Роберт Левандовски, Феран Торес и Рафиња. Покрај одличната игра и високата победа, во редовите на Барса радува и фактот што вечерва на терен истрча и Илкај Гундоган. Германскиот ас поради повреда прерано го заврши пријателскиот натпревар со Франција, и се предвидуваше подолга пауза, но сепак Гундоган ги одигра последните триесет минути од натпреварот во Каталонија.
Вечерва се одигра уште еден натпревар од петтото коло во Примера, на кој Мајорка славеше на гостувањето кај Селта Виго (0-1).