ВИДЕО: Деби-гол за Садик, Тиквеш му „откина“ два бода на есенскиот првак!

Фудбалерите на Силекс не ја оправдаа фаворитската улога на стартот од пролетната сезона во ПМФЛ и ремизираа со конечни 1-1 (1-0) против Тиквеш во натпреварот од деветнаесеттото коло.

Избраниците на Александар Васоски добро го отворија мечот, делуваа како порасположен ривал, а тоа се потврди со неколкуте добри шанси пред голот на Филип Купанов. Погодокот пристигна на истекот на првите половина час, а стрелец беше Босанецот Ади Алиќ, кој начека една нафрлена топка од корнер и успеа да ја смести во гостинската мрежа. 

Водството им даде сила на кратовчани, продолжија со офанзивен пристап, пред и потоа постигнаа уште два поништени гола, еден поради прекршок и еден поради фаул. На паузата Силекс остана во минимално водство (1-0). 

Второто полувреме започна со три експресни измени во гостинскиот табор, Ѓорѓи Мојсов ги внесе во игра Садик, Јонуз и Михаљевиќ, а Тиквеш заигра малку поактивно и се обидуваше да го загрози домаќинот. Потоа играта малку се промени, на моменти имаше неколку погруби прекшроци и повремени паузи, па ритамот на мечот опадна во периодот околу 60. минута. 

Есенскиот првак повторно делуваше постабилно кога истрчува во офанзива, кавадарчани малку се повлекоа, но сепак не видовме многу возбуда и во следните десетина минути. Темпото се смири, делуваше дека Силекс полека се обидува да го затвори мечот без многу напор, но тука се случи мал шок за публиката, кога гостите добија пенал поради игра со рака во шеснаесетникот. 

Се играше 78. минута, кога Берат Садик прецизно ја изведе најстрогата казна и донесе радост во кавадаречкиот табор. Тиквеш се избори за егал ситуација и доби мотивација за остатокот од мечот. Наеднаш видовме „експлозија“ на теренот, се разгореа страстите и Силекс веднаш ја зеде топката кај себе, обидувајќи се да дојде до ново водство, но без особен успех до крајот. 

Конечните 1-1 веројатно малку повеќе носат болка за домаќините, кои имаа повеќе шанси во текот на мечот, но мораа да се задоволат со само еден бод. За Тиквеш секој бод е добредојден во трката за опстанок и евентуално приклучување кон погорните позиции. Силекс сега има 38 бода и во следното коло ќе игра со Шкендија во Тетово, а Тиквеш на домашен терен ќе го пречека Пелистер