• Горан Упале

Екипата на Башкими ја оправда улогата на фаворит против Шкупи и во Куманово извојува рутински триумф од 2-0 (0-0). Повратникот во македонската фудбалска елита дури во второто полувреме го скрши отпорот на „фенерџијата“ и запиша многу важни бодови во трката за опстанок.
Номиналниот гостин очекувано уште од самиот старт наметна иницијатива, во првиот дел претежно се играше на половината на чаирчани, но Башкими не успеа да го пробие одбранбениот бедем на противникот.
Кумановчани најчесто напаѓаа од левата страна, каде што расположен за игра беше Рибеиро. Токму некогашниот играч на Шкупи ја имаше најизгледната шанса за погодок во првите 45 минути. Во десеттата минута Португалецот одлично проби по страна, помина двајца противнички фудбалери, и биеше кон голот, но Мељачи беше добро поставен и успешно интервенираше. Во продолжение Башкими притискаше, но сите обиди завршуваа без посериозна закана.
На стартот од второто полувреме одбраната на Шкупи конечно капитулираше и Башкими за само шест минути постигна два гола и го реши прашањето на победникот. Во 52. минута Никел Роналдо Ор одлично се снајде во казнениот простор на противникот и со својот деби-гол во ПМФЛ донесе прва радост за кумановчани. Веќе во следниот напад мрежата на чаирчани ја затресе и Рибеиро, кој беше осамен по една нафрлена топка и од непосредна близина ја погоди целта за 0-2. Во 75. минута Башкими имаше можност да го зголеми водството, но Мељачи со парада го одбрани ударот на Лучина од единаесет метри.
Во следното коло, кое на програмата е веќе викендов, кумановчани ќе се судрат со Македонија ЃП, додека Шкупи ќе гостува во Струга.




