• Горан Упале

Македонскиот младински репрезентативец, Дитмир Хоџа го постигна својот прв гол во дресот на Лидс Јунајтед У21, иако неговиот тим претрпе пораз од Хартлпул со 3-1 во натпревар од Националниот куп за млади екипи.
Осумнаесетгодишниот македонски напаѓач влезе во игра во 71. минута, а само четири минути подоцна го постигна својот прв погодок за англискиот клуб. Хоџа реагираше одлично во противничкиот шеснаесетник, ја прифати топката, си создаде простор и со силен удар ја испрати во мрежата на голманот на Хартлпул. Подоцна имаше можност и за втор погодок, но ја погоди рамката на голот.
Хоџа летово пристигна во Лидс од Работнички, потпишувајќи тригодишен договор со англискиот клуб. Претходната сезона остави добар впечаток во македонскиот шампионат, постигнувајќи шест гола на 22 натпревари во сите конкуренции, а настапуваше и во квалификациите за Конференциската лига.
