ВИДЕО: Дебакл на Шкендија во Струмица, „пандевци“ го презедоа второто место

Академија Пандев дебело профитираше од 31. коло на ПМФЛ, откако во директен дуел ја совлада Шкендија, а Македонија Ѓорче Петров ремизираше на „Чаир“. Победата од 4-2 (2-1) против бледиот тим на Артим Шаќири им донесе пробив на второто место на „пандевци“ и многу поволна позиција пред последните две кола. 

Натпреварот не можеше подобро да започне за струмичани. Димовски изведе слободен удар по една минута игра, Маронг врати во средината, крај многу гледачи во одбраната на претпоследниот македонски шампион, а Фарук Бихорац од само неколку метри ја втурна топката во мрежата на Захов (1-0). Првата закана на тетовчани беше ударот на Дориев во десеттата минута, но Јовановски со нога интервенираше. Во 20. минута Шала доби жолт картон заради симулација, иако надвор од казнениот простор беше повлечен за дрес. На средина од првиот дуел судијата Грујоски покажа на белата точка за струмичани, откако Кривак го сруши Митровски. Дефанзивецот Томислав Илиев сигурно го матира Захов и зголеми на 2-0. 

Шкендија беше шокирана и само две минути подоцна Митровски од далечина се обиде со удар по земја, но биеше крај дирекот. Во 26. минута и Димовски шутираше од мртов агол, но само во надворешниот дел на мрежата. Колосална шанса за трет гол имаше Митровски по половина час, но го префрли голот на истрчаниот Захов. Кога се чинеше дека на тетовчани им нема спас, во последната минута од првиот дел Шкендија намали. По корнер од левата страна, Тата ја продолжи топката со глава, а Јан Кривак ја дочека на втора статива и ја втурна во небранетата мрежа (2-1). 

Шаќири на почетокот од вториот дел го внесе Цаке на местото на нервозниот Шала. Уште во втората минута од вториот дел Митровски изби сам пред Захов, но Кривак со лизгачки старт спречи сигурен гол.  Во 52.  минута со удар по земја се закани Бруно Дита, но Јовановски во два наврати интервенираше. По еден час игра Шкендија ја имаше најзрелата шанса. Гури центрираше од десната страна, Михаил Маневски ја зафати топката со глава, но за малку биеше крај стативата. 

Во 64. минута се случи клучниот момент на натпреварот. Судијата Грујоски од Кичево покажа на белата точка, вторпат за домаќините, а Илиев пак го надмудри Захов за 3-1 и нова домашна спокојна предност. Темпото спласна, Билали и Нафиу влегоа од клупата, но Шкендија не делуваше опасно по домашниот гол. Наместо тоа, по грубата грешка на Захов и неговото непотребно излетување, резервистот Ѓорѓиев со глава ја смести топката во мрежата за финални 4-1. 

На седум минути до крајот Грујоски и по третпат досуди најстрога казна, првпат за домаќините. Бихорац го сруши Дита во казнениот простор и Шкендија доби пенал. Гури го матира Јовановски и со својот десетти погодок оваа сезона ги постави финалните 4-2.

Академија Пандев со 61 бод изби на второто место, пред Шкендија со 59 и Македонија Ѓорче Петров со 57 бода. За викендов се играат шесте натпревари од 32. коло, претпоследно за сезоната 2021/22. Академија Пандев се среќава со Работнички, а во Тетово се игра дуелот на последните два шампиони, Шкендија и Шкупи.