• Саше Љолес
Италијанскиот фудбалски стратег, Роберто Де Зерби, првпат проговори со француските медиуми околу финалето во Лигата на шампионите, каде ПСЖ го „здроби“ Интер со огромни 5-0.
Де Зерби долго молчеше на оваа тема иако постојано добиваше прашања, а сега искрено рече дека Интер не ја проценил силата на ПСЖ и со доза надменост влегол во финалниот меч.
„Не смеете да бидете надмени, особено кога се подготвувате за финале. Не велам дека Интер го потцени ПСЖ, но изгледа мислеше дека ќе му биде многу полесно.
Интер е прекрасен тим, а Инзаги е одличен тренер. Немаше причини да загубат со пет разлика, но епилогот беше тој. Проблемот е што италијанскиот фудбал не сака да „препознае“ такви тимови како ПСЖ.
Тие се доминантна сила во Франција, една од најсилните светски лиги“, рече Де Зерби.
За потсетување, ПСЖ за првпат во историјата стана европски шампион, откако го совлада Интер во финалето одиграно на „Алианц Арена“ во Минхен.