Де Зерби го брани Гринвуд од ултрасите: Кога ќе потпише за Марсеј, ќе биде како мое дете

Екипата на Олимпик Марсеј неодамна доби големо засилување на клупата. По двете успешни сезони во Брајтон, Роберто де Зерби реши да се раздели со премиерлигашот, а иако најави дека ќе паузира одредено време, набрзо беше објавено дека ќе го преземе тимот од „Велодром“.

Доаѓањето на Италијанецот треба да ги зголеми апетитите на поранешниот европски првак во претстојната натпреварувачка година, а набрзо почнаа да се најавуваат интересни имиња како потенцијални засилувања. Меѓу нив е и Мејсон Гринвуд, несомнено најголемиот талент со кој никој не сака да се занимава. Причината за тоа е позната и поради истата за него нема повеќе место во Манчестер Јунајтед.

Затоа нема да му биде лесно ниту на Де Зерби, бидејќи сите знаат дека Олимпик е крајно неблагодарна средина за работа. Хулиганите вршат постојан притисок, очекуваат инстант резултати, а исто така диктираат многу одлуки во клубот. Сега тие го кренаа својот глас против доаѓањето на Англичанецот.

„Гринвуд сè уште не е дојден, така што нема многу што да се каже. Тој е шампион, интернационален играч. Не знам што се случи со него во Манчестер и не обрнувам внимание на приватниот живот.

Кога играч потпишува за клуб, јас го сметам за мое дете. Тајно ако треба ќе го влечам за уво, но јавно секогаш ќе го бранам“, рече Де Зерби.

Гринвуд по суспензијата во Манчестер Јунајтед ланската сезона ја мина во редовите на Хетафе, каде беше избран за најдобар играч.