• Иван Димовски

Дефанзивецот на Баерн Минхен, Матијс де Лихт е незадоволен од минутажата на стартот на сезоната. Холанѓанецот е резервна опција во тимот на Томас Тухел, а самиот стопер не го криеше незадоволството.
По викенд пресметката со Баер Леверкузен, Де Лихт доби прашање зошто не игра, па неговиот одговор го демонстрира незадоволството.
„Зошто не играм? Искрено немам поима, тоа мора да го прашате тренерот Тухел. Правам се што тренерите ќе ми кажат, но на последните две средби играв само по десет минути и тоа во средниот ред“, изјави Де Лихт.
24-годишникот кој минатата година за 67 милиони евра дојде од Јувентус, сезонава беше дел од пет натпревари, ама одигра само 82 минути во Бундеслигата. Стартер беше само во Суперкупот против РБ Лајпциг и беше заменет на полувреме, а потоа добиваше мала минутажа.
Дури, на последните две средби Де Лихт беше на теренот вкупно седум минути и тоа во дефанзивниот дел на средниот ред.