Де Лихт: Роналдо не влијаеше на мене, одамна го одбрав Јуве

Утрово во конференциската сала на „Јувентус Алијанс Стадиум“, првакот на Италија, Јувентус од Торино го претстави својот нов дефанзивен шеф – Матејс Де Лихт.

Младиот Холанѓанец во друштво на спортскиот директор Фабио Паратичи се претстави со голем ентузијазам по доаѓањето во Пјемонте.

„По финалето во Лигата на нации во Порто, веќе бев сигурен дека ќе потпишам за Јувентус. Тоа што Кристијано побара дојдам во Торино, ми годеше, но немаше никакво влијание врз мене. Го носев бројот четири уште од младинските денови во Ајакс. Знам што значи овој број за Јуве и верувам дека ќе го оправдам. Дојдов во Италија, бидејќи оваа земја е најтрадиционална земја за дефанзивци. Имам огромна желба да се подобрувам“, рече Холанѓанецот.

Де Лихт попладнево во делегацијата на „старата дама“ ќе летне за Сингапур, а в недела веројатно ќе добие шанса да дебитира против Тотенхем во турнирски натпревар.

Јувентус никогаш не платил толку многу за одбранбен фудбалер, а само неколку пати ја преминал границата од преку 50 милиони евра обештетување за еден свој фудбалер.