• Саше Љолес

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, смета дека фудбалот мора да се приспособи на променетите навики на навивачите, особено на помладата публика.
Говорејќи на настан во Рим, тој посочи дека клубовите не можат да се потпираат само на традицијата и љубовта кон тимот, туку мораат да создаваат и стабилен бизнис-модел.
„Кога го презедов Наполи, морав да сфатам како клуб со толку многу навивачи можел да банкротира. Страста е важна, но сама по себе не е доволна. Мора да создавате вредност“, рече Де Лаурентис.
Тој смета дека и стадионите треба да понудат многу повеќе од самиот натпревар, со ресторани, продавници и современи содржини кои би го направиле престојот на навивачите поатрактивен.
Де Лаурентис предложи и преиспитување на некои традиционални фудбалски правила. Особено интересен е неговиот предлог за 15-минутната пауза меѓу полувремињата.
„Зошто да не разговараме за нејзино скратување или дури и укинување? На стадионот навивачите чекаат, но детето дома може да го земе телефонот или да се врати на видеоигрите. Во меѓувреме, сте го изгубиле“, објасни претседателот на Наполи.
Де Лаурентис порача дека европскиот фудбал треба да размислува поинаку и да најде нови начини за задржување на вниманието на генерациите кои денес имаат огромен број алтернативи за забава.
Првиот човек на „партенопеите“ се осврна и на вредноста на одредени фудбалери, за кои смета дека е превисока.
„Филм што чини 100 милиони евра не мора да биде подобар од филм што чини десет милиони. Истото важи и за фудбалерите, некогаш само гледам и се чудам колкави суми плаќаат некои клубови за просечни играчи“, заклучи Де Лаурентис.
Неговиот Наполи не ја започна најдобро сезоната во Серија А, освојувајќи само седум бода од првите пет натпревари.
