Де ла Фуенте создаде перфектна „машина“: Шпанија доминантно до четврта европска титула

Фудбалската репрезентација на Шпанија сосема заслужено го освои трофејот на Европското првенство. Во финалето „фуријата“ беше подобра од репрезентацијата на Англија, победувајќи ја со 2-1 со головите на Нико Вилијамс и Микел Ојарзабал.

Со својата игра уште во групната фаза Шпанците покажаа дека се еден од главните кандидати за освојувањето на трофејот. И низ нокаут фазата избраниците на Луис де ла Фуенте беа една од најдобрите селекции, а турнирот го завршија со седум победи во исто толку натпревари. Со петнаесет постигнати погодоци и само четири примени го завршија првенството фудбалерите од Шпанија.

Посебно импресивен е фактот дека патот до трофејот беше најтежок можен. Играа Шпанците во „групата на смртта“ против бранителот на тронот Италија, незгодната Хрватска и Албанија. Потоа во осминафиналето налетаа на нешто полесна задача во видот на Грузија. Кулминацијата веројатно беше во четвртфиналето и натпреварот со домаќинот Германија, кој Шпанија го доби по продолженија, а потоа со по 2-1 ги совлада најголемите фаворити Франција и Англија.

  • Головите од финалниот натпревар:

Нема сомнеж, преку таков пат трофејот добива дополнително на тежина, а во овој формат со 24 репрезентации ниту една селекција не минала слично патешествие.

Шпанците доминантни во идеалниот тим:

Европската фудбалска куќа (УЕФА) не чекаше многу за да го објави идеалниот тим на штотоку завршеното Европско првенство во Германија. Како што е веќе познато, Шпанија е новиот континентален владетел и не случајно има дури шестмина претставници меѓу најдобрите единаесет. 

Во најдобриот тим има место и за младата супер-ѕвеза, Ламин Јамал, а од неговите соиграчи му се придружија уште Нико Вилијамс, Дани Олмо, Фабиан Руиз, Марк Кукуреља и Родри, кој беше воедно и МВП на континенталниот собир. 

Во нападот место доби Џамал Мусијала од Германија, а во одбраната се уште Вилијам Салиба од Франција, Мануел Аканџи од Швајцарија и Кајл Вокер од Англија. На голот е одличниот француски чувар на мрежата, Мајк Мењан. 

Шестмина ја делат наградата за најдобар стрелец:

По завршувањето на финалниот натпревар во Берлин, беа доделени индивидуалните признанија за едномесечните возбудувања на Европското првенство во Германија. 

По 51 одигран натпревар, најдобар млад фудбалер е Ламин Јамал од Шпанија, а МВП на шампионатот е избран Родри. Последната индивидуална награда што се доделува на Европското првенство заврши кај дури шест фудбалери.

Најдобри стрелци на турнирот се Дани Олмо од Шпанија, Хари Кејн од Англија, Џамал Мусиала од Германија, Коди Гакпо од Холандија, Иван Шранц од Словачка, Георгес Микаутѕе од Грузија.

Родри е МВП на Европското првенство:

Шпанците извојуваа победа на сите седум натпревари, и очекувано сите индивидуални награди завршија во нивни раце. Ламин Јамал е избран за најдобар млад фудбалер на шампионатот, додека признанието за најдобар фудбалер заврши кај Родри. 

Ѕвездата на Манчестер Сити беше „мозокот“ на „фуријата“ на овој шампионат, сите напади на тимот започнуваа од него, додека тој беше и вистински коректор на одбраната, па затоа МВП наградата заврши во вистински раце. 

Така, Родри доби уште едно големо индивидуално признание откако претходно беше избран за најдобар ви Лига на нации, Лигата на шампионите, Суперкуп на Европа и Светско клупско првенство.