• Саше Љолес
Легендарниот шпански голман, Давид Де Хеа, пронајде нов ангажман и ќе настапува за италијанската Фиорентина, а веднаш по претставувањето кај „виолетовите“ изјави дека е пресреќен што постигнал договор со клубот и вети напорна работа за добри резултати.
Шпанскиот чувар на мрежата цела година немаше клуб откако му истече договорот со Манчестер Јунајтед, па сега е презадоволен од соработката и се заблагодари за приемот во Фиренца.
„Навистина сум среќен за договорот со Фиорентина, повторно ќе имам можност да настапувам на високо ниво, а тоа е токму она што го посакував и јас. Ќе дадам максимум од своите можности за добри резултати. Со напорна работа, мислам дека можеме да ја оствариме целта. Клубот е амбициозен за уште поголеми скалила во играта. Тоа за мене е повеќе од предизвик.
Имав понуди од неколку клубови, со дел од нив бев и близу до договор, но Фиорентина ме „освои“ со нејзината визија и желба за остварување подобри резултати во Серија А и во Европа. Овој тим има квалитет, играше две финалиња во евро-куповите, па можеби крајно време е да освоиме евопски трофеј“, рече Шпанецот.
Давид де Хеа ја започна кариерата во Атлетико Мадрид, а потоа дванаесет години беше дел од Манчестер Јунајтед. 33-годишниот голман доби едногодишен договор од Фиорентина, со можност за продолжување на соработката, а својата сметка ќе ја збогати за еден милион евра.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.