ВИДЕО: Де Брујне прави чуда, со гол и асистенција го сруши Вест Хем

Манчестер Сити извојува победа во дуелот со Вест Хем (2-0) во последниот меч од 26. коло од Премиер лигата. Како и на првиот меѓусебен дуел оваа сезона, „граѓаните“ покажаа дека се за неколку класи поквалитетни од лондонскиот тим. Гвардиола не штедеше сили и со исклучок на незалечениот Стерлинг, настапија скоро најдобрите. 

  • Извештај од натпреварот: 

Почетната офанзива на домаќинот донесе две огромни шанси на Габриел Хесус. Бразилскиот голгетер си поигруваше со нервите на навивачите и наместо рутински да донесе водство, самиот си ја искомплицира работата и пропушти можност да донесе радост на трибините. Тимот на Дејвид Мојс очекувано фокусот го имаше насочено кон одбраната и чекаше шанса од контра нападите.

Нападите на „граѓаните“ беа жестоки и не престанаа до крајот на полувремето. Гостите оддолеваа на доминацијата на фаворитот до 30. минута. Родри беше човекот кој се најде на вистинското место по еден корнер и со глава ја смести топката во мрежата на екипата од Лондон.

Пеп Гвардиола беше задоволен од изданието на своите фудбалери. Де Брујне, Давид и Бернардо Силва беа најзабележителни кај актуелниот англиски шампион по првите 45 минути, Антонио беше најопасниот фудбалер на „чеканите“.

Исто како и во првиот дел, Сити имаше повеќе од играта и ја контролираше топката. Серхио Агуеро беше блиску до втор погодок, но не беше прецизен, откако замина премногу во десната страна и упати лош удар по голот на Фабиански. Гостинскиот одбранбен бедем попушти во 62. минута кога Де Брујне успеа да реализира и стави точка на сите дилеми на оваа средба. Белгиецот шутираше по земја и бурно прослави со навивачите на „Итихад“. Единствена лоша вест е повредата на Давид Силва, кој предвреме ја напушти играта и беше заменет со Гундоган.

Лестер ќе биде следниот противник за Манчестер Сити, а Ливерпул ќе го пречека Вест Хем во следното коло од англиското првенство.