Де Брујне мотивиран од рекордот на Анри, кој ќе биде „кралот“ на асистенции?

Де Брујне Премиер

Кевин Де Брујне застана на бројката од 18 асистенции во тековната сезона од Премиер лигата. Неговото додавање му овозможи на Ријад Марез да погоди во голеадата на Манчестер Сити против Њукасл Јунајтед.

Белгискиот интернационалец, кој според многумина е најдобар асистент во лигата, стои на чекор од апсолутниот рекорд во една сезона. Сопственик на истиот е Тјери Анри, кој во сезоната 2002/03 запиша 20 асистенции, а неговиот Арсенал заврши на второто место зад Манчестер Јунајтед.

Тоа е мотивација за офанзивецот на „граѓаните“ за остатокот од премиерлигашката сезона.

Де Брујне моментално го израмни своето достигнување од пред три сезони, а има идентичен скор како и Сеск Фабрегас и Френк Лампард. Пред него, пак, стои Месут Озил и неговите 19 асистенции.

За да го достигне врвот му остануваат уште четири кола. Во нив, Сити ќе игра против Брајтон, Борнмут, Вотфорд и Норич Сити.