Де Брујне моментално има две опции: Нов клуб во ПЛ или амбициозен калчолигаш

Кевин Де Брујне, еден од најдоминантните играчи од средниот ред во историјата на Премиер лигата, е на прагот на нова страница во кариерата. По десет години полни со трофеи во дресот на Манчестер Сити, актуелниот англиски шампион одлучи да не ја продолжи соработката со белгискиот маестро.

Иако во јуни ќе наполни 34 години, Де Брујне уште е „на цена“ и веднаш активираше интерес кај неколку клубови. Се шпекулираше за заминување во Саудиска Арабија или САД, но самиот фудбалер порача дека би сакал да остане во Англија – и таа желба може да му се исполни.

Според информации на „Скај Спорт“, Астон Вила сериозно размислува за ангажман на поранешниот играч на Генк, Челси, Вердер, Волфсбург и Сити. Тимот од Бирмингем оваа сезона блеска под водство на Унаи Емери и би можел да му понуди проект што ќе го убеди да остане во Премиер лигата.

Покрај Вила, се споменува и италијанскиот Комо, но прашање е дали Де Брујне е подготвен да ја смени фудбалската средина и да се пресели во Серија А на залезот од својата кариера. Астон Вила има реална шанса да го привлече, особено ако успее да обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона – фактор што би можел да биде клучен во одлуката на белгискиот ас.