Де Брујне ја напушти болницата и испрати порака 

Кевин Де Брујне, капитенот на Манчестер Сити, мораше предвреме да го заврши финалето од Лигата на шампионите против Челзи, бидејќи при еден дуел со Рудигер се здоби со незгодна повреда на носот. 

Белгискиот ас со големи болки и солзи на очите се пресели на клупата за резерви, но последните информации велат дека повредата не е сериозна и тој веќе и отпуштен од болница.

„Само што се вратив од болница. Мојата дијагноза е акутна фрактура на носната коска и фрактура на очната коска. Се чувствувам добро. Сè уште сум разочаран од вчерашниот пораз, но ќе се вратиме“, напиша Кевин Де Брујне на Твитер.

Повредата доаѓа во незгоден момент за одличниот играч за врска, затоа што наскоро ќе треба да ги започне подготовките со својата Белгија за претстојното Европско првенство.