• Иван Димовски

Фудбалската репрезентација на Азербејџан дојде во Скопје како благ аутсајдер, меѓутоа со триумф од 1-3 си замина од Македонија. Пријателската средба во лоши услови на Арената „Тодор Проески“ понуди две различни полувремиња. Македонија беше подобра во првиот, меѓутоа Азербејџанците доминираа во продолжението и убедливо славеа.
На средбата со новинарите по мечот зборуваше селекторот Џани де Бјази, кој беше задоволен од победата на неговите избраници.
„Натпреварот не го отворивме како што сакавме и примивме гол. Сепак, играчите ми кажаа дека немаше контакт при пеналот. По голот ја стабилизиравме играта, бевме подобри, а иако Македонија имаше добри шанси, сметам дека ние заслужено победивме. Ние сме сè уште во процес на развивање на гирата. Ова е историски резултат, првпат славевме со Македонија, а ние имаме пет победи во низа. Од играчите барам брза пас игра, со која ќе создаваме опасност на сите ривали.
Македонија има индивидуален квалитет, добра репрезентација е. Нам ни помогна црвениот картон. Не треба да се губи надеж, на моја лична жал овој тим ја победи мојата Италија во Палермо. Не би го споредувал овој дуел со претходниот меѓусебен натпревар“, кажа Де Бјази.
Македонија на Милевски има простор да расте, меѓутоа нема повеќе тестови пред стартот на новите квалификации за Европското првенство во март.