ВИДЕО: Давков правеше чуда, Тиквеш ја сопна Шкендија!

Екипата на Шкендија ја продолжи лошата низа во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Тетовчани четири натпревари по ред се без успех во елитата, а последен тим против кој не успеаја да победат е Тиквеш (0-0) во рамки на 16. коло во македонскиот шампионат.

Кавадарчани дојдоа како аутсајдери на хартија кај тимот кој до минатото коло тринаесет кола немаше пораз. Сепак, Шкендија не успеа да го скрши одбранбениот бедем на избраниците на Ѓорѓи Мојсов, кои играа одлично и доста добро се бранеа на налетите на офанзивно поставениот тим на Ќатип Османи.

Играч на натпреварот дефинитивно е голманот Мартин Давков. Чуварот на мрежата на Тиквеш правеше вистински чуда и ги сопре сите обиди кон голот од домашниот тим кој притискаше со сите сили, ама не го најде патот до мрежата. Шала, Стојановски и Дориев имаа добри обиди во првото полувреме, но не успеаја. Најдобрата интервенција беше одбраната во 27. минута кога по еден шут откосо, Давков со супер-рефлекс изби во корнер.

Слично беше и во второто полувреме затоа што македонскиот голман продолжи да брани во врвна форма. Најдобрата можност Шкендија ја имаше во средината на второто полувреме кога нововлезениот Ферхан Хасани биеше по земја, но Давков изби во аут. Исто така во 89. минута, Зани Назифи имаше обид со глава да постигне гол по центаршут на Шала, ама ја погоди стативата.

Во 94. минута, Петковски го фаулира Цуцули на деветнаесет метри од голот на Тиквеш, одговорноста ја презеде Ферхан Хасани, но шутот од прекинот беше ужасен и мечот на „Градскиот стадион“ во Тетово заврши без голови.

Шкендија останува на третото место со 25 бода, само два повеќе од кавадарчани, кои остануваат хит на есенскиот дел на шампионатот.