Давид Тошевски бара плата, во спротивно ќе го тужи Клагенфурт

Финансиската криза во австрискиот фудбалски клуб Австрија Клагенфурт добива нова димензија. Осум поранешни играчи официјално преку адвокати испратија писмо до инвеститорот Јан Каратшија, со кое бараат исплата на заостанатите плати.

Во документот, своите побарувања ги потпишаа Скај Шварц, Бен Бобзиен, Бего Кујраковиќ, Соломон Бонах, Кристофер Цветко, Симон Спари, Симон Штрауди и македонскиот напаѓач Давид Тошевски. Информацијата ја објави „Кикер“.

Играчите инсистираат средствата да бидат исплатени најдоцна до петок, во спротивно случајот ќе биде предаден на aвстриската Бундеслига. Таквиот потег би можел да доведе до сериозни последици за клубот – од дополнителни казни и ограничувања до можност за одземање бодови или исклучување од натпреварувањето, во зависност од проценката на дисциплинските органи.

Австрија Клагенфурт веќе подолг период се соочува со финансиски нестабилности, а оваа ситуација дополнително го загрозува имиџот и функционирањето на клубот. Давид Тошевски во моментов е слободен агент, затоа што се раздели со клубот.