Давид Силва: По Манчестер Сити би сакал да играм за Лас Палмас!

Поранешниот шпански репрезентативец, Давид Силва е врзан со договор за Манчестер сити до јуни 2020 година, а според последната негова изјава, тој по завршувањето на истиот ќе се пресели на Канараските острови.

„Сакам моето дете да расте таму каде што и јас пораснав. Се надевам дека ќе ги има истите можности што ги имав јас. Доколку сака да се занимава со фудбал јас ќе се обидам да го пренесам моето знаење врз него. Навистина би сакал последниот период од мојата професионална кариера да ја одиграм во Лас Палмас“, изјави Силва.

32-годишниот Силва својата професионалната кариера ја започна во Валенсија, пред во 2010 година да се пресели во тимот на Манчестер сити. За „граѓаните“ одигра 349 натпревари, на кои постигна 62 гола, а за репрезентацијата на Шпанија на 125 меча запиша 35 гола.