Давид Митов-Нилсон со нов ТРИГОДИШЕН договор од Норчепинг

Македонскиот голман во редовите на Норчепинг, Давид Митов-Нилсон потпиша нов тригодишен договор со шведскиот клуб. На нашиот репрезентативец, кој мака мачи со повредите, актуелниот договор му истекуваше во месец декември и ова покажува дека од шведскиот тим ги почитуваат неговите квалитети.

Митов-Нилсон, кој е во последна фаза од рехабилитација по тешката повреда, се очекува да се врати на тренинзите кон крајот на ноември, а на терените се очекува негово враќање на почетокот на месец февруари идната година.

„Копнеам да се вратам на терените повторно. Благодарен сум на Норчепинг за коректниот однос, кој го имаше кон мене и поради тоа ќе се вратам уште посилен“, изјави Митов-Нилсон за клупската страна на Норчепинг.

25-годишниот Давид целата своја кариера ја има во тимот на Норчепинг, за кој има забележано и 104 настапи. Еден краток период во 2011 година беше отстапен во тимот на Силвија. За репрезентацијата на Македонија дебитираше на 12 октомври 2015 година, против Белорусија.