Давид Митов Нилсон и повреден доби понуда за нов договор од Норчепинг

Шведскиот фудбалски првак Норчепинг и покрај фактот што македонскиот репрезентативец и нивен чувар на мрежата Давид Митов Нилсон има тешка повреда на ногата, која го одалечи од зелените терени веќе извесен период, има намери да го продолжи договорот со него. Потврда за ова стигна и од тренерот на клубот кој истакна дека Митов Нилсон има понуда за продолжување на договорот.

„Краткорочниот договор на Кенет Удјуш истече и останавме само со двајца голмани, Андреас Ваикла и Давид Митов Нилсон кој е повреден, а и на двајцата чувари на мрежата договорот им истекува заклучно со крајот на годината. Така моравме да ангажираме нов голман во името на Мишел Лангер, кој е искусен  и може да ни помогне. Очекувам за некое време да биде јасна ситуацијата со останатите наши два голмани, од Митов добивме позитивни сигнали и мислам дека ќе прифати да го продолжи договорот, додека со Ваикла се уште не сме разговарале“, изјави тренерот Јенс Густафсон.

Како што е познато Митов Нилсон во финишот на месец април заработи тешка повреда на левата нога, односно скршеница на тибијата, по што беше изложен на оперативен зафат. Првичните прогнози, оние најоптимистичните велат дека нашиот репрезентативец меѓу стативите може да се врати најрано во месец октомври.