Дарко Тасевски заминува во пензија, но ќе остане во фудбалот

Македонскиот фудбалер Дарко Тасевски ќе замине во пензија по крајот на актуелната сезона, но и понатаму ќе остане дел од фудбалот, пишува бугарски „Мач Телеграф“.

Плејмејкерот, кој во мај ќе наполни 38 години, нема натпревар за тимот на Славија Софија од месец ноември. Имаше и проблеми со повреда, а тукушто ја залечи, повторно мораше да оди надвор од терените. Од Бугарија велат дека голема е веројатноста Тасевски да замине во пензија и да продолжи со работа во младинските погони на Славија Софија како тренер. Дарко и неговата сопруга Ромина заедно со трите деца живеат веќе подолго време во бугарскиот главен град.

Тасевски е дел од Славија Софија од 2019 година. Претходно играше на Тајланд каде остави голема трага како играч на Кон Каен, Суфанбури, Бангкок Глас, има и настапи во израелска Шмона, бугарски Левски, украински Металург Запорожје како и македонските Вардар и Цементарница 55.

Зад своето име Дарко Тасевски има и 45 настапи за репрезентацијата на Македонија, со еден постигнат гол.