Дарко Тасевски ја задолжи опремата на Славија Софија

Поранешниот македонски репрезентативец Дарко Тасевски ја заврши авантурата во Тајланд и се врати да игра фудбал на Балканот.

Фудбалерот од средниот ред, кој има 34 години, последната сезона ја мина во тајландски Кон Каен, а по пет години минати во азиската земја, реши дека е време да се врати поблиску до дома. Тасевски се договори со Славија Софија и ќе ја има втората авантура во Бугарија.

Тасевски на Тајланд покрај за Кон Каен играше уште и за Суфанбури и Бангкок Глас, а претходно беше дел од израелска Шмона, бугарски Левски, украински Металург Запорожје, како и македонските тимови Вардар и Цементарница 55.

За репрезентацијата на Македонија, Тасевски одигра 43 меча.