• Иван Димовски
Полските медиуми пренесуваат дека македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов е на чекор до нов клуб, откако постигнал целосен договор со Погон Шчечин. Според информациите, крилниот фудбалер ќе потпише двегодишен договор со можност за продолжување на уште една сезона, а официјалната промоција се очекува во текот на понеделник.
Интересно е што Чурлинов бил многу блиску до преселба во Видзев Лоџ. Македонецот во саботата престојувал во Лоџ и преговарал со раководството на клубот, а според полските извори, неговото претставување било планирано уште во неделата пред натпреварот против Мотор.
Сепак, во последен момент Погон испратил понуда со подобри услови, по што Чурлинов се предомислил и решил кариерата да ја продолжи во Шчечин. Тој веќе пристигнал во градот, каде што биле договорени и последните детали од соработката. Доколку нема неочекуван пресврт, македонскиот репрезентативец наскоро и официјално ќе стане нов фудбалер на Погон Шчечин.
Македонскиот репрезентативец кариерата го водеше преку фудбалската школа Форца до Работнички и Вардар, па до Ханса Рошток, Магдебург и Келн како младинец. Продолжи во Германија и беше под договор со Келн, па беше дел од Штутгарт и на позајмица во Шалке. Следуваше трансфер во англискиот Барнли, но таму не се изнаигра, па беше праќан на позајмици во Шалке и Јагјелонија. Минатата сезона Чурлинов ја мина во турскиот Кочаелиспор.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.

