Данскиот селектор си правеше сеир со Ирска: Ирци, благодарам што му оставивте толку простор на Ериксен

Данска

Не се случува многу често, но вчера Кристијан Ериксен постигна хет-трик во меч кој значеше пласман на неговата репрезентација на Мундијалот во Русија наредната година.

Данска убедливо го доби реваншот на гости кај Ирска (1-5), откако првиот меч во Копенхаген заврши без победник. Селекторот на Данците, Аге Хареиде, беше видно расположен по мечот, па го искористи убавиот момент да прави сеир со противничката одбрана.

„Ирска ме изненади и му остави многу простор на Ериксен. Знаеме дека тој е одличен техничар и дека знае да ја искористи секоја шанса на средината од теренот. Ирци, ви благодарам што го оставивте Ериксен да си поигрува на теренот. Тој е инспирација за целата репрезентација, а вчера беше ефективен како никогаш досега“ , изјави Хареиде.

Фудбалерот на Тотенхем докажа дека моментално ја игра најдобрата сезона во својата кариера, што го прави дел од петте најдобри играчи за врска во светот.