Данскиот напаѓач преку ноќ „исчезна“ и ја прекина комуникацијата со клубот

Данскиот фудбалер Мартин Брајтвајт решил повеќе да не го носи дресот на Еспањол, откако го напуштил тренинг-кампот во Марбеља и ја прекинал комуникацијата со сите во клубот. 

Шпанските медиуми пишуваат дека напаѓачот ги спакувал своите куфери и во текот на ноќта го напуштил клупскиот камп. Тој никому не соопштил ништо, ниту пак, го најавил неговото заминување. Управата на Еспањол на сите начини се обидела да стапи во контакт со него, но тој едноставно престанал да одговара на сите повици. 

Се претпоставува дека на овој начин Брајтвајт се обидува да изнуди раскин на договорот со Еспањол. Данецот беше обврзан на соработка до 2025 година, но се чини дека предвреме сака да го напушти клубот. Дел од медиумите шпекулираат дека тој би можел да замине и во пензија, доколку не успее на мирен начин да го реши проблемот со каталонскиот тим. 

Брајтвајт се смета за еден од најбогатите дански фудбалери. Тој во минатите неколку години направи брилијантни бизнис-потези, а неговото богатство се претпоставува дека „тежи“ нешто повеќе од 250 милиони евра. Дел од медиумите велат дека веќе се заситил од фудбалот и заработката од спортот не му е толку важна, затоа што е ориентиран повеќе кон бизнисот. 

Останува да видиме каква разрешница ќе има овој случај и дали Брајтвајт ќе продолжи да игра фудбал или сепак ќе реши да замине во спортска пензија. 32-годишниот офанзивец настапуваше за Есбјерг, Тулуз, Мидлсброу, Бордо, Леганес и Барселона. Во дресот на Еспањол одигра 33 натпревари и постигна девет голови. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.