Данска е неверојатна на патот кон СП: По осум кола нема примен гол и одлична ефикасност!

Репрезентацијата на Данска изгледа најимпресивно по осум кола во квалификациите за Светското првенство, кое следната година ќе се одржи во Катар. Скандинавската селекција е суверен лидер во групата Ф, има перфектен скор и веќе си има обезбеден пласман на Мундијалот. 

Сепак, начинот на кој Данците дојдоа до осумте победи е далеку поимпресивен. Имено, досега во осумте кола оваа селекција има 27 постигнати погодоци, а ниту еден примен. Данска дава во просек по 3,375 голови по натпревар, што исто така е неверојатна бројка. Вреди да се напомене и дека групата Ф не е така лесна и наивна. Во неа се натпреваруваат Шкотска и Австрија, кои играа на последното Европско првенство, секогаш незгодниот Израел, како и двата аутсајдери Фарски Острови и Молдавија

Најубедливата победа Данска ја имаше против Молдавија од 8-0 уште во второто коло, пет погодоци му даде на Израел, а четири прими Австрија и пак Молдавија во реваншот. Само двапати избраниците на Хјумланд победуваа со по гол во противничката мрежа, што ретко која селекција може да го исполни. 

Во овие квалификации добра одбрана имаат и Италија и Швајцарија, со по само еден примен гол, ама ефикасноста е далеку од таа на Скандинавците. Поефикасни се само Холанѓаните, со 29 постигнати гола и шест примени, додека 24 гола има Англија и еден помалку Германија

Данска доживеја тежок удар на континенталниот собир, откако на терен колабираше Кристијан Ериксен, кој беше најдобар играч на оваа екипа. Тоа како да им даде дополнителна сила и мотив на останатите, па стигнаа до полуфиналето на турнирот.