• Саше Љолес
Искусниот Зоран Даноски летово пристигна во редовите на Брегалница Штип и ќе се обиде да му помогне на тимот експресно да се врати во Првата македонска лига.
Левото крило минатата сезона настапуваше за Тиквеш, но сега ќе биде капитен на новиот тим и вели дека Брегалница ќе оди на победа во секој натпревар.
„Сигурен сум дека сите ќе го дадеме максимумот на секој натпревар, а целта е јасна - враќање на Брегалница во Првата лига. Знам дека публиката ќе биде наш дванаесетти играч и ќе ни дава голема поддршка, нешто што беше пракса и во минатото.
Атмосферата во соблекувалната е одлична, задоволен сум од хемијата во тимот. Одлично ги одработивме подготовките, немаме повредени играчи и со максимална мотивација го чекаме почетокот на првенството.
В недела отвораме против прилепска Победа, која исто така има млад и амбициозен тим. Нема да биде лесно, тие сигурно нема да пристигнат со бело знаме. Многу нешта ќе зависат од нашата игра, но ве уверувам дека одиме на победа на секој меч“, изјави Даноски.
Брегалница Штип ќе ја пречека Победа во првото коло од ВМФЛ, а овој дуел е закажан за 17 август, со почеток во 17:00 часот.