• Саше Љолес

Познато е дека секое „Ел Класико“ носи огромна физичка битка на теренот. Фудбалерите го оставаат целото срце, а понекогаш некои од нив и крвави заминуваат во соблекувалната, што е само уште еден доказ за важноста и интензитетот на овие мечеви.
Барселона успеа да го совлада вечниот ривал, Реал Мадрид и успеа да се „одлепи“ на дванаесет бодови предност пред „кралевите“ во битката за титулата во Шпанија. После натпреварот, во соблекувалната играчите го видоа стапалото на Роберт Левандовски и не можеа да поверуваат што гледаат.
Сите заедно во соблекувалната ја славеа големата победа, а видеата од прославата посведочија и за состојбата на стапалото на Полјакот кој со крвава нога застана да ја овековечи триумфалната фотографија на неговиот тим. Дел од соиграчите со неверување ја гледаа крвавата нога на Левандовски, но тој не се пожали ниту еднаш и славеше како ништо да не се случило.
Фановите на Барселона уште еднаш ја покажаа својата неизмерна почит за одличниот напаѓач и на социјалните мрежи пишуваат разни коментари, а најинтересниот од нив гласи „данок во крв, тоа го плаќа секој што игра за овој свет клуб“, алудирајќи на крвавото стапало на Левандовски.
Барселона следниот меч ќе го одигра по завршувањето на репрезентативната пауза и ќе гостува кај „фенерџијата“ Елче. Каталонците на овој натпревар се огромен фаворит за нови три бодови во Примера и уште поголемо зацврстување на врвот на табелата.