Даниел Миловановиќ спогодбено „раскина“ со унгарски ЗТЕ

Македонскиот интернационалец Даниел Миловановиќ зимава ќе бара нов предизвик во кариерата.

25-годишникот спогодбено го раскина договорот со унгарскиот прволигаш Залаегерсег, чиј член е од 2021 година. Минатата сезона Миловановиќ беше позајмен во Тиквеш, а летово се врати во Унгарија и реши да се бори за минутажа. Откако не успеа да се наметне и со само три настапи за ЗТЕ сезонава, македонското десно крило се реши дека е време за нова авантура. 

Миловановиќ потекнува од школата на Тиквеш, а во 2015 година се пресели во тогашната Академија Пандев. Две години подоцна беше позајмен во италијанскиот нискологаш Масезе, ама се врати во Струмица. Во Македонија се наметна во таборот на струмичани, по што во 2021 година направи трансфер во Унгарија. 

Сепак, во целосниот престој во Залаегерсег македонскиот ас одигра 19 натпревари. Сега, Миловановиќ е во потрага по нова средина откако се раздели со Унгарците.