Даниел Божиновски останува „единица“ на Силекс и во ВМФЛ

Екипата на Силекс од Кратово продолжува да гради ростер за новата сезона во која ќе игра во Втората лига - Запад и ќе бара кам-бек во елитата, но исто така следи и европско лето поради титулата во Купот на Македонија.

Кратовчани преговараат со нови играчи, а во меѓувреме успеаја да го задржат и првиот голман. Даниел Божиновски и понатаму ќе стои меѓу стативите на Силекс и ќе биде „единицата“ во обидот некогашниот првак да се врати во ПМФЛ.

Исто така, договорен е и Лазар Пеев кој доаѓа од редовите на Тетекс. Претходно, договорени беа и Стојан Стојчевски, Дарко Алексовски и Мартин Димовски. Нов тренер на тимот од Кратово е Горазд Михајлов, додека спортски директор е Стевица Ристиќ.

Силекс на ждрепката во Конференциската лига на УЕФА која е на 15 јуни ќе биде меѓу неносителите. За само учество во првото коло ќе добие 150.000 евра.