Даниел Аврамовски „раскина“ со Олимпија и разгледува нови понуди

Даниел Аврамовски, поранешниот младински репрезентативец на Македонија, повеќе не е член на словенечка Олимпија Љубљана и до крајот на преодниот рок ќе бира нова дестинација.

23-годишниот Аврамовски беше во Словенија и имаше договор со популарните „змајчки“, но следеше спогодбен раскин, со помош на Синдикатот на фудбалери во Словенија. Двете страни се разделија пријателски, па македонскиот фудбалер ќе може да бара нов клуб каде ќе добива поголема минутажа.

Фудбалерот од средниот ред веќе има некои понуди кои ги разгледува, а каде ќе продолжи, ќе одлучи допрва.

Аврамовски беше дел од „златната генерација“ на У21-репрезентацијата на Македонија која за првпат во историјата играше на ЕП, а во кариерата која ја почна во Работнички, играше уште и за Македонија Ѓорче Петров, Црвена Звезда, ОФК Белград и Војводина.