Даниел Аврамовски по две години си оди од Сараево

Македонскиот фудбалер Даниел Аврамовски е слободен играч затоа што се раздели со екипата на Сараево. „Бордо“ тимот претрпе реконструкција, а таа не го избегна ниту плејмејкерот кој ќе бара нова средина во текот на зимскиот преоден рок.

„По две години во Сараево дојде време за разделба. Горд сум затоа што бев дел од ваков клуб. Градот Сараево ми е при срце и секогаш ќе се сеќавам на него. Со себе носам драги пријателства и незаборавни спомени. Благодарност за сите кои ми беа поддршка, посебно навивачите кои убаво ме прифатија. На клубот му посакувам се најдобро во иднина, затоа што тоа и го заслужува“, кажа Аврамовски.

Аврамовски дојде во Сараево кога тренер беше Александар Васоски. Фудбалерот за врска во досегашната кариера покрај за босанскиот клуб играше и за Кајзериспор, Вардар, Војводина, Олимпија Љубљана, ОФК Белград, Црвена Звезда, Македонија Ѓорче Петров и Работнички.