• Зоран Мишевски

Бразилскиот репрезентативец Дани Алвеш изјави дека Хрватска ќе биде тежок противник за неговата селекција во четвртфиналето на Светското првенство во Катар. Овие две селекции се сретнаа на две Светски првенства, во Германија 2006 и во Бразил 2014 година и двапати се радуваа „кариоките“.
Највозрасниот бразилски репрезентативец во Катар, утрово пред медиумите рече:
„Хрватска е тежок противник, со добри фудбалери кои играат во европските клубови. Нивната фудбалска школа е слична на српската. Мораме да се прилагодиме на нивниот стил на игра и добро да го испланираме натпреварот. Од почит кон Хрватска, мораме да размислуваме за тој натпревар, бидејќи сме во четвртфинале, а не во полуфинале. Хрватска е полна со квалитет и заслужуваат 110% од нашето внимание“.
Бразил во осминафиналето на Мундијалот ја совлада Јужна Кореја со 4-1, додека Хрватска само по подобро изведување пенали ја елиминира Јапонија со вкупен резултат 4-2. Победникот од натрпеварот меѓу Хрватска и Бразил ќе игра во полуфиналето на Светското првенство со подобриот од мечот меѓу Аргентина и Холандија.
Натпреварот меѓу Бразил и Хрватска се игра в петок од 16:00 часот.